Povezave: Mladinska knjiga-Mozaik knjiga-Svijet knjige-Mladinska knjiga-Mladinska knjiga
Home
пребарување
РУБРИКИ
Актуелно
За нас
Книги
Илустрирана детска енциклопедија
Книги за најмладите
Како да станете наш читател
Често поставувани прашања
Кариера
Контакти
Книги кои можат да се најдат во сите книжарници
Книги за подарок
ХАРИ ПОТЕР И ПОЛУКРВНИОТ ПРИНЦ

Младинска книга ДООЕЛ
1000 Скопје
Ул. Љубљанска бр. 5

Тел.: + 389 2 3072 544,
         + 389 2  3072 556.
Факс: + 389 2 3071 540
E-mail: info@mladinskakniga.com.mk


 

 

MK Skopje emag > ХАРИ ПОТЕР И ПОЛУКРВНИОТ ПРИНЦ
Domov
Најново од Младинска книга Скопје
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
Поголема слика
ПЕЧАТИ
ОМИЛЕНИ
„ХАРИ ПОТЕР И ПОЛУКРВНИОТ ПРИНЦ“ КОНЕЧНО И НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК

Превод: Лавинија Шувака

А сега, дел од долго очекуваниот роман...
Подарок за младите Македонци во оваа година!

Деветта глава

Полукрвниот принц

...

Пред да успеат да му одговорат што било повеќе од обичното „добро“, вратата на темницата се отвори и стомакот на Слагхорн излезе низ вратата пред него. Додека влегуваа во училницата, неговите огромни мустаќи како на морж се извија околу неговите задоволно насмеани усни и тој со особено задоволство ги поздрави Хари и Забини.
Темницата, што беше најнеобично, веќе беше полна со испарувања и чудни мириси. Додека поминуваа покрај огромните котли што клокотеа, Хари, Рон и Хермиона љубопитно мирисаа. Четворица Слитеринци седнаа заедно крај една маса, како и четворица Ревенкловци. Така, Хари, Рон и Хермиона ја поделија масата со Ерни. Ја избраа таа што беше најблизу до златесто обоениот котел, од кого се ширеше еден од најпривлечните мириси кој Хари некогаш го вдишил: некако истовремено го потсетуваше на пита од меласа, на мирис на дршка од метла и на нешто цветно што, можеби, некогаш го помирисал во Дувлото. Тој откри дека диши многу лесно и длабоко и дека мирисите на напивките го исполнуваат како некој пијалак. Го обзеде големо задоволство и тој му се насмевна на Рон, кој седеше спроти него, а тој мрзливо му возврати со насмевка.
– Е сега, е сега, е сега – рече Слагхорн, чиј крупен оцрт трепереше низ многуте светливи испарувања. – Извадете ги сите вагите и приборот за напивки и не заборавајте ги примероците на „Повисоко ниво на подготвување напивки“...
– Господине – рече Хари дигнувајќи ја раката.
– Хари, дете мое?
– Немам ни книга, ни вага, ни што било друго... ни Рон... не мислевме дека ќе бидеме во состојба да го посетуваме ОИВТ, знаете...
– О, да, професорката Мек Гонагал ми спомна... не грижи се, мило дете, немој воопшто да се грижиш. Денеска можеш да ги употребуваш состојките од шкафот со резерви, а сигурен сум дека можеме да ти зајмиме некоја вагичка. Имаме и купче стари книги, ќе ти се најдат додека не нарачаш од „Брашнавко и Дамкавко“...
Слагхорн отрча до шкафот во аголот и по кратко пребарување се појави со два многу стари, парталави примероци на „Повисоко ниво на подготвување напивки“ од Пијаницата Здодевко, што им ги даде на Хари и Рон заедно со два пара ’рѓосани ваги.
– Е сега – рече Слагхорн, враќајќи се во предниот дел на училницата и надувајќи ги своите веќе надуени гради, така што малку недостасуваше да му се откинат копчињата на елечето – ви подготвив неколку напивки да можете да ги погледнете, знаете веќе поради чиста љубопитност. Тоа се работите што би требало да знаете да ги подготвите кога ќе ги комплетирате своите ОИВТ. Сигурно сте слушнале за нив, дури и ако се уште не сте ги подготвувале. Може ли некој да ми каже што е ова?
Тој покажа на котелот најблизу до слитеринската маса. Хари малку се подигна на столот и виде дека во котелот врие нешто што беше слично на обична вода.
Добро извежбаната рака на Хермиона се дигна во воздухот побрзо од сите други. Слагхорн ја прозва.
– Тоа е веритасерум, безбојна и без мирис напивка која го принудува тој што ќе ја испие да ја зборува вистината – рече Хермиона.
– Многу добро, многу добро! – весело викна Слагхорн. – А сега – продолжи тој, покажувајќи на котелот најблизу до ревенкловската маса – ова е многу позната... споменувана неодамна во новите летоци на Министерството... кој може...
Уште еднаш, раката на Хермиона беше најбрза.
– Господине, тоа е повеќесоковна напивка – рече таа.
И Хари ја препозна калливата течност што бавно клокотеше во другиот котел, но не сакаше да и го расипува уживањето на Хермиона во освојувањето поени за точен одговор на ова прашање. Впрочем, таа успеа да ја направи таа напивка уште во второ одделение.
– Одлично, одлично! А ова овде... да, душичке? – рече Слагхорн малку натажен кога виде како раката на Хермиона повторно брзо се дига нагоре.
– Тоа е амортенција!
– Навистина. Можеби е малку смешно што тоа го прашувам – рече Слагхорн, кој изгледаше многу воодушевен – но претпоставувам дека знаеш како дејствува?
– Тоа е најјаката љубовна напивка во светот! – рече Хермиона.
– Точно! Ја препозна, претпоставувам, според особениот седефест сјај?
– И според пареата што се дига како особени спирали – рече Хермиона воодушевена – и се претпоставува дека му мириса поинаку на секого од нас, во сообразност со тоа што кого привлекува, така што јас, на пример, можам да намирисам свежо покосено сено и нов пергамент и...
Но таа наеднаш поцрвени и не ја доврши реченицата.
– Душо, може ли да го слушнам твоето име? – рече Слагхорн, не обраќајќи внимание на збрканоста на Хермиона.
– Хермиона Гренџер, господине.
– Гренџер? Гренџер? Да не си, можеби, во роднински врски со Хектор Дагворт-Гренџер, кој го основа „Најдоброто друштво на подготвувачи на напивки“?
– Не, господине, мислам дека не сум. Знаете, јас потекнувам од семејство на Нормалните.
Хари виде како Мелфој се приближи до Нот и му шепна нешто. Потоа двајцата подбивно се насмеаја, но Слагхорн не беше изненаден. Напротив, задоволно се насмевна и го сврти погледот од Хермиона кон Хари, кој седеше веднаш до неа.
– Охо! Мојата најдобра другарка потекнува од семејство на Нормалните и е најдобра во нашата генерација. Хари, претпоставувам дека оваа е таа добра другарка за која ми кажуваше?
– Да, господине – рече Хари.
– Па, госпоѓице Гренџер ти давам дваесет чесно заработени поени за Грифиндор – рече Слагхорн срдечно.
Мелфој изгледаше како тогаш кога Хермиона го удри среде лицето. Хермиона се сврти кон Хари со блескав израз на лицето и прошепоти: – Дали навистина му рече дека сум најдобра во генерацијата? О, Хари!
– Па, што е овде толку необично? – и дофрли со шепотење Рон, кој поради некоја причина изгледаше како да е загрижен. – Навистина си најдобра од нашата генерација... и јас истото ќе му го речев, ако ме прашаше мене!
Хермиона се насмевна, но веднаш го замолчи со движење на раката за да слушнат што зборува Слагхорн. Рон изгледаше малку незадоволен.
– Се разбира, амортенцијата не може да предизвика вистинска љубов. Невозможно е да се направи или подражава љубов. Не, може само да предизвика голема заљубеност или опсесија. Тоа, веројатно, е најопасната и најмоќна напивка во оваа просторија... о, да – рече тој сериозно кимајќи им со главата на Мелфој и Нот, кои се смееја со злорада недоверба. – Кога ќе преживеете онолку колку и јас, нема да ја потценувате моќта на опсесивната љубов...
– А сега – рече Слагхорн – време е да почнеме да работиме.
– Господине, уште не ни кажавте што има во оној котел – рече Ерни Мекмилан, покажувајќи на малиот црн котел на масата на Слагхорн. Напивката во него весело клокотеше. Беше со боја на леано злато, а големи капки од него потскокнуваа од него како златни рипчиња над површината, иако ниедна капка не падна надвор од котелот.
– Охо! – рече Слагхорн повторно. Хари беше сигурен дека Слагхорн сигурно не ја заборавил таа напивка, туку чекаше да го прашаат за неа, поради драмското дејство. – Да. Таа. Па, таа напивка, дами и господа, е чудна мала напивка наречена феликс фелицис. Претпоставувам – тој се сврти, насмевнувајќи се, кон Хермиона, која гласно воздивна – госпоѓице Гренџер, дека знаете што предизвикува феликс фелицис?
– Тоа е течна среќа – рече Хермиона восхитено. – Ве прави среќни!
Сите во одделението малку се исправија на столовите. Сега Хари можеше да ја види само измазнетата, светлоруса коса на Мелфој, зашто тој најпосле на Слагхорн му го посвети целосно своето внимание.
– Точно така, уште десет поени за Грифиндор. – Да, таа е навистина необична мала напивка – рече Слагхорн. – Многу е тешко да се направи, а притоа може да биде погубна, ако нешто згрешите. Сепак, ако се свари како што треба, како оваа, ќе откриете дека вредело да ги вложите сите ваши напори... барем додека не помине нејзиното дејство.
– Зошто тогаш луѓето не ја пијат постојано? – праша љубопитно Тери Бут.
– Бидејќи, ако се пие претерано, предизвикува лекомисленост, непретпазливост и опасна самоувереност – рече Слагхорн. – Ако пиете претерано нешто што е добро, веќе знаете... во големи количества е многу отровно. Но, ако го пиете умерено и многу ретко...
– Господине, дали вие некогаш сте ја пробале? – праша Мајкл Корнер љубопитно.
– Двапати во животот – рече Слагхорн. – Еднаш кога имав дваесет и четири години и вторпат кога имав педесет и седум години. По две полни големи лажици со појадокот. Два совршени денови.
Професорот сонливо се загледа во далечината. Без оглед на тоа дали се преправа или не, помисли Хари, ефектот беше добар.
– И тоа е она што ќе ви го понудам – рече Слагхорн, очигледно повторно враќајќи се на земја – како награда на овој час.
Завладеа тишина при која секое вриење и клокотење на напивките околу нив можеше да се слушне повеќепати посилно.
– Едно малечко шишенце феликс фелицис – рече Слагхорн, вадејќи од џебот многу мало шишенце со пагур и покажувајќи им го на сите. – Доволно е за дванаесет часови среќа. Од взори до самрак ќе имате среќа во се што ќе се обидете.
– Сепак, морам да ве предупредам дека феликс фелицис е забранета супстанција во организираните натпреварувања, спортски настани, на пример, на испити или избори. Поради тоа победникот може да ја ползува само во текот на за него обичен ден... и да гледа како тој обичен ден станува необичен!
– Значи, – рече Слагхорн, ненадејно живнувајќи – како ќе ја освоите оваа волшебна награда? Па, свртете ја страницата десет во „Повисоко ниво на подготвување напивки“. Ни остана малку повеќе од еден час, што би ви било доволно да се обидете во правењето пристојна напивка раствор на жива смрт. Знам дека е посложено од се што досега сте се обиделе да направите и не очекувам никој од вас да направи совршена напивка. Сепак, тој што ќе ја направи најдобро од вас, ќе го добие овој мал феликс.

Почнете!

 ---------------------------------------------------------------------------------------------------------------------

 Дневен весник „Вечер“ - 21.03.2009 година

РАЗГОВОР: ЛАВИНИЈА ШУВАКА, ПРЕВЕДУВАЧ И УРЕДНИК ВО МЛАДИНСКА КНИГА

Како да се победи злото и дали е тоа можно?
Или, како што му вели професорот Дамблдор на Хари: "Твојата сила и моќ е во тоа што можеш да љубиш и што, и покрај сите страдања и маки што ги преживеа, остана со чисто и неизвалкано срце...

Во пресрет на излегувањето на шестото продолжение од серијалот за малиот волшебник Хари Потер на британската авторка Џ.К. Роулинг на македонски јазик, а во издание на Младинска книга од Скопје, кое ќе биде промовирано на 1 април во книжарницата на Матица во Скопје, поразговаравме со преведувачот на "Хари Потер и Полукрвниот принц" - Лавинија Шувака, уредник во оваа издавачка куќа. Исто така, веќе од понеделник, а пред официјалната промоција, читателите на Вечер, преку фељтон, ќе можат да се запознаат со дел од содржината на ова дело кое ги плени срцата и фантазијата на милиони луѓе низ светот.


По подолга пауза по излегувањето на петтото продолжение на серијалот Хари Потер, еве го конечно и шестиот дел на македонски јазик. Познавајќи го стилот на Вашата издавачка куќа, Младинска книга, за нас беше мало изненадување што токму Вие се решивте да го издадете Хари на македонски јазик. Како се решивте на овој чекор?
- Групацијата "Младинска книга" со седиште во Љубљана, е основана пред повеќе од шеесет години и има многу богата и разновидна издавачка продукција. "Младинска книга - Скопје", која токму денеска (21 март) слави пет години од своето основање, како член на Групацијата, има помала и поконцентрирана издавачка програма. "Хари Потер и Полукрвниот Принц" е само една од низата книги што МК-Скопје ќе ги објави во иднина, што ќе биде и тематско збогатување на издавачката продукција. По долги преговори, Групацијата "Младинска книга" од Љубљана ги откупи авторските права и еве, на голема радост на сите нас, многу брзо ќе биде објавено шестото продолжение од серијата за Хари Потер на македонски јазик. Не постоеше недоумица во врска со изборот и многу сме горди што оваа книга ќе биде објавена во нашата продукција.


Се чини дека Хари Потер не е само обична фикција за деца. Зад овие стории се крие и нешто повеќе. Што мислите, дали Хари е само приказна за добра ноќ за најмладите или, сепак, може да се смести во редот на литература за возрасни?
- Кога ја добив оваа работна обврска, на Хари Потер му пристапив, пред се, како мајка на мојата ќерка Тијана која е тинејџерка, а која многу ги сака книгите за Хари Потер. Како што се појавуваа книгите таа, во еден здив, ги прочитуваше, но јас не ги прочитав со преубедување дека околу тоа се крева премногу врева и оти тоа се книги за деца. Но, се покажа дека сум била во голема заблуда. Како страстен читател и голем вљубеник во убавата литература, кон т.н. бестселери пристапувам со голема претпазливост. Кога почнав да ја преведувам книгата многу внимателно се задлабочив во целата сторија за Хари Потер. Тоа придонесе сега повеќе да не мислам дека тоа се книги само за деца. Колку човек подлабоко и потемелно ќе проникне во нивната суштина, толку појасно ќе му стане зошто и голем број возрасни читатели, со изградени ставови не само за литературата, туку и за животот, стануваат верни обожаватели на книгите за Хари Потер. И кај нас има многумина такви.


Серијалот на авторката Роулинг, кој постигна невиден успех, направи пресврт во пишувањето за деца. Како вие го коментирате ова?
- Сум читала многу студии или сум слушала мудри и образовани луѓе како расправаат или гласно размислуваат за тоа дали книгата ќе опстане и ќе постои во иднина, или пак наскоро ќе биде заборавена. Тоа што го постигна Џоан Роулинг со книгите за Хари Потер без оглед на тоа дали книгите ги сакате или не, е нешто што, без сомневање, кај мене предизвикува чувство на голема почит. Во светски рамки таа успеа стотици милиони млади и возрасни луѓе да ги врати назад, на старите добри патеки, а тоа е купувањето и читањето книги. За мене, самото тоа е големо добро дело на оваа писателка, што потврдува дека и во иднина секогаш ќе има место за добрите вредни книги со високи уметнички достигнувања. Темите сепак не се исцрпени.


Мислите ли дека кога Џ.К. Роулинг би дошла да ја посети Македонија, би се собрале многу луѓе да ја пречекаат и да поразговараат со неа? Што Вие лично би ја прашале кога би ја имале таа можност?
- Ох, верувам дека би се собрале многу луѓе. Јас се радувам кога во Македонија доаѓаат познати светски имиња, независно од тоа со каков вид на уметност се занимаваат, кој го организира нивното доаѓање и по кој повод. Тоа е голема радост, а таквите настани се празник!


Што јас би ја прашала... Многу од репликите на Хермиона ми изгледаат како нејзин, авторски глас. Дали таа се крие зад ликот на Хермиона, или, можеби, грешам? Често дијалозите на главните јунаци кои, нели се деца, во себе носат многу поголема мудрост, мудрост на некој кој многу страдал во животот, но ја сфатил суштината на работите, големите вистини за животот...


Што мислите за фан-клубовите на Хари Потер, во кои членството во поголем дел е од редот на возрасните? Што мислите за интернет петицијата што ја потпишуваа фановите од секаде од светот во обид да ја натераат авторката да не го завршува серијалот?
- Без оглед на тоа дали Џоан Роулинг дефинитивно, засекогаш, ќе ја заврши или не ова приказна за храбриот, непоткуплив, правдољубив, горд, но не горделив, скромен и верен млад волшебник Хари Потер, таа на светот му остави една приказна со трајни вредности што не ги познаваат категориите време и простор. Денес во време кога човештвото и секој од нас поодделно, тешко се справува со многу искушенија и предизвици, потребни се и добредојдени се ваквите современи бајки. Оптимизмот и вербата во победата на доброто над злото е нишка што се проткајува во сите нејзини книги. Тоа е многу потежок пат за одење, но според мене, тој е единствениот вистински пат во животот.


Дали и Вие, како преведувач, приватно сте фан на малиов волшебник? Што Вам лично Ви остави впечаток од целава приказна?
- Да, морам да кажам, од неодамна сум фан. Додека ја преведував книгата понекогаш се случуваше и солзи да ми капат по тастатурата од компјутерот. Ми остави многу силен впечаток тоа што го споменав предмалку, ликот на Хари Потер, кого Роулинг го создавала многу внимателно и со голема љубов, но и длабокиот, искрен и посветен однос меѓу него и неговите пријатели, неговото избрано семејствоо: Хермиона, Рон и Џини. Приказната за Хари во некои сегменти дури и ми личеше на мојата животна приказна. Хари, како и јас, е сирак. Ми се чини дека секој може да се пронајде себеси на ваков или онаков начин во неговата сторија. Уживав и во дијалозите меѓу Хари и неговиот учител Дамблдор. Тоа се концентрирани животни мудрости. Ги поврзав нишките и карактерните особини што ги поврзуваат сите обожаватели на Хари, насекаде во светов.


Според Вас, која е поентата на приказните? Може ли навистина да се победи злото, или пак може ли доброто секогаш да се извлече од налетот на злото?
- Ако не постои нашата верба во победата на доброто над злото, тогаш зошто живееме? Јас лично, би била многу тажна така да продолжам да живеам. А мислам дека таа нишка ја препознавам и во книгите на Роулинг. Се разбира, и покрај сите темни, мрачни страни на човечката природа со кои секој од нас секојдневно се соочува, и покрај малите и големите зла, со сето срце верувам во победата на доброто. Или, како што му вели професорот Дамблдор на Хари: "Твојата сила и моќ е во тоа што можеш да љубиш и што, и покрај сите страдања и маки што ги преживеа, остана со чисто и неизвалкано срце..."


Зошто промоцијата ја закажавте токму на 1 април, Денот на шегата?
- Се надевам дека ќе ги поттикнеме и мотивираме нашите читатели да дојдат маскирани на промоцијата во книжарницата на Матица во Скопје. Се разбира, Хари Потер - костимите не се задолжителни, но секако се добредојдени!

 (Преземено од дневниот вeсник „Вечер“).


ек05.03.2009
НАГОРЕ
Urednik strani Gregor Medved
0/0/0/166
Mladinska knjiga Group
МК ГРУПАЦИЈА: Skopje - Ljubljana - Zagreb - Beograd - Sarajevo - Sofija - Bukarest
Copyright 2000-2007: MLADINSKA KNJIGA, Skopje. Sva prava zadržana.
Izvedba BuyITC d.o.o.